Instagram официјално ја воведува опцијата што почна да ја тестира во средината на овој месец. На своите корисници сега ќе им прикажува објави на луѓе и страници кои корисниците воопшто не ги следат на оваа социјална мрежа.

Како што објаснуваат оттаму, нивниот план е на луѓето да им понудат работи за кои мислат дека би ги интересирале. Функцијата всушност потсетува на делот „Following“, дел од апликацијата во која се прикажуваат постовите што ги лајкнуваат луѓето што ги следите. Слична е и опцијата „Search and explore“, каде што можат да се прегледуваат постови од профили што корисникот не ги следи, но би можеле да му се допаднат.

Instagram потврди дека новата функција нема да ги замени постовите што луѓето веќе ги следат, туку тие ќе им се појавуваат откако ќе ги прегледате сите постови во самиот „фид“. Корисниците така нема да мора активно да пребаруваат нова содржина за следење бидејќи Instagram сам ќе им препорача постови за кои мисли дека би им се допаднале.

Ова не е единствена нова функција што Instagram ја воведе овој месец. Социјалната мрежа овозможи и следење на хаштагови во самиот „фид“. Со оваа функција можете да следите кој било хаштаг, така што во вашиот „фид“ ќе ви се појавуваат нови и популарни постови што го содржат хаштагот што го следите.