Милиони луѓе ширум светот се соочуваат со сериозни прекини во работата на услугите на Microsoft – вклучувајќи алатки како Outlook, Teams и Copilot – како дел од глобален пад на системот што трае веќе повеќе од 10 часа.
Иако експертите предупредуваат дека ова би можело да прерасне во еден од најтешките прекини во историјата, кој потенцијално би предизвикал штети во вредност од милијарди долари, Microsoft ја отфрли можноста за хакерски напад и соопшти дека работат на решавање на проблемот, пренесува BBC.
Прекинот ги погоди корисниците на глобално ниво. Downdetector, веб-страница што ги следи проблемите пријавени од корисниците, покажа дека проблемот се проширил во 74 земји за само еден час. До доцните попладневни часови во четвртокот (по средноевропско време), бројот на пријави за проблеми со Outlook достигна речиси 140.000 – што е повеќе од 2.000 пати над вообичаениот обем.
We’re investigating reports of users experiencing issues accessing Exchange Online mailboxes through multiple connection methods in the Americas. More details can be found in the Microsoft 365 admin center under EX1550543.
— Microsoft 365 Status (@MSFT365Status) November 12, 2026
Пад на серверите, а не хакерски напад
Која е точната причина? Од Microsoft наведуваат дека не станува збор за сајбер-напад, туку за проблем во нивната сопствена инфраструктура – поточно, за „зголемено оптоварување“ во повеќе региони. Тие објаснија дека проблемот не настанал поради преголем број корисници, туку поради тоа што одреден број сервери неочекувано престанале да функционираат. Ова довело до преоптоварување на преостанатите сервери, поради што тие не можеле да ги обработат сите пристигнати барања.
Иако во еден момент Microsoft оптимистички изјавија дека забележуваат „позитивни резултати“ од поправките, набргу признаа дека работите не се одвиваат според планот. Предупредија дека, дури и кога услугите ќе бидат повторно воспоставени, тие би можеле повторно да паднат штом корисниците ќе почнат да се поврзуваат; поради тоа, сега тестираат алтернативни методи кои ќе им овозможат на луѓето пристап до алатките, без притоа целосно да го преоптоварат системот.
