iPhone 8 нема да дава здодевни и сосема непотребни звучни сигнали кога корисникот гледа во екранот!
Apple пред неколку дена по грешка во јавност ја пушти недовршената верзија на софтверот за својот паметен звучник HomePod, а во рамките на програмскиот код, програмерите и ентузијстите ширум светот веќе со денови откриваат интересни податоци за идните уреди. Досега од истиот извор дознавме каков би требало да биде дизајнот на новиот iPhone 8, дека овој уред би требало да може да снима 4K видео при 60 fps со предната и задната камера итн.
Најновиот изум во овој голем извор на информации се однесува на инфрацрвените биометриски сензори кои, најверојатно, ќе се наоѓаат од предната страна на уредот. Тие би требало да послужат за препознавање на корисникот и на тој начин да го заменат читачот на отисоци на прсти Touch ID, кој повеќе нема да се наоѓа под Home копчето. Зошто? Едноставно, бидејќи повеќе нема да постои ни Home копчето.
Споменатите сензори ќе можат да го препознаваат лицето на сопственикот на телефонот и во темница, а би требало да бидат во состојба и побрзо да го отклучуваат уредот од Touch ID системот. Но, според последните информации, Apple ќе ги користи и за некои други можности. На пример, новите модели на iPhone би требало да бидат во состојба автоматски да ги исклучуваат звуците на нотификациите во случај кога корисникот гледа во екранот на својот смартфон – бидејќи тогаш е очекувано дека ќе го види известувањето и без тоа да се најави со звук.
Системот на отклучување преку 3D „отисок“ од лицето се нарекува Pearl, а би требало да работи и под чудни агли. Лицето на својот сопственик, iPhone 8 би требало да може да го препознае и додека уредот е на масата, и да го заклучи штом ќе „види“ непознато лице.
До претставувањето на новиот iPhone остана уште еден месец, а како што тргнало – протекувањето на податоците од сите страни ќе му остави многу малку на Apple да не изненади на презентацијата.
Поврзани артикли