Винилот, покрај стримингот е единствен начин на дистрибуција на музика, што моментно во светот бележи раст. Секако, наспроти цедеата и останатите физички носачи на звук, во денешно време најмногу профитираат разните стриминг платформи и општо дигиталната дистрибуција, додека оние кои се насочени кон ретро звукот и ја „доживуваат“ мзуиката повторно се вртат кон винилот. Но, овој спорт е прилично скап и не е за секого – но не мора да значи дека така и ќе остане.

Професионалниот диџеј, Стефан Јинг осмисли начин на кој речиси секој со 100 долари во џеб може лесно да влезе во светот на винилите и да слуша музика како некогаш. Неговиот изум е – картонски направи сам грамофон. Својата идеја Јинг ја постави на Kickstarter и три недели пред крајот на кампањата собра над 170.000 долари.

Со купување на основниот пакет на Spinbox, како што се нарекува овој уред, за само 99 долари се добива цел кит за изработка на грамофон во сопствениот дом. Од моторот, рачката и иглата, преку електрониката, па се до картонското куќиште и квалитетните звучници. Авторот вели дека за составување на уредот е потребно само околу половина час, дека истиот зазема многу малку простор (површина на А4), и дека е погоден за пренесување било каде. Spinbox добива напојување преку USB приклучок, може да се спо и на други hi-fi уреди, а бидејќи куќиштето е изработено од тврд картон, погодно е и за персонализација.

Кампањата на Kickstarter завршува на 1. септември, а испораките би требало да почнат во ноември.