Првиот сериски примерок на новиот електричен автомобил “се симна” од фабричката лента, потврди Елон Маск на Твитер.

Првиот човек на компанијата Tesla објави и две фотографии од Model 3, на кои се забележува дека надворешниот дизајн е практично непроменет во однос на претпродукцискиот автомобил од 2016. година.

Маск, на почетокот на овој месец објави дека првите 30 купувачи кои го резервирале својот примерок пред повеќе од една година, ќе можат да ги преземат своите автомобили на 28. јули, на забавата која се организира по повод лансирањето на овој модел на пазарот.

Според неговите зборови, растот на производството ќе биде експоненцијален: 100 автомобили ќе бидат произведени во август, преку 1.500 во септември, а до декември месечното производство на овој модел ќе достигне и до 20.000 возила.

За разлика од Model S и Model X, чија малопродажна цена лесно достигна 100.000 долари, овој модел ќе има почетна цена од околу 35.000 долари во САД.

Tesla Model 3, во својата основна верзија од 0 до 100 км/ч ќе стигнува за помалку од 6 секунди, а во понудата ќе биде вклучена и побрза варијанта.

Новиот модел ќе биде достапен во верзии со заден и погон на сите 4 тркала, додека возилото ќе биде стандардно опремено со авто-пилот и бројни безбедносни системи, за кои Маск тврди деќа гарантираат максимални 5 ѕвездички на секој тест за безбедност во светот.