Функцијата Instagram Stories веќе има 250 милиони дневно активни корисници, и на тој начин ја надминува сериозно конкурентната функција на Snapchat, пренесува CNBC, повикувајќи се на потпретседателот и маркетинг директор на сопственикот на Instagram – Facebook, Каролин Еверсон.
„Само ако размислиме – пред една година воопшто не постоеше Instagram Stories, вели Еверсон за CNBC. „Денес на платформата не само што имаме 250 милиони луѓе кои ја користат, но една третина (од најпосетените приказни) се компании кои ја користат, а 1 милион се реклами“.
Instagram ја додаде можноста за Stories во август 2016 година. Таа им овозможува на корисниците да објавуваат постови за 24-часовен период – функција слична на функционалностите на конкурентот Snapchat. Во јануари годинава Instagram Stories имаше 150 милиони месечни активни корисници.
„Овој раст на корисниците всушност се случува во услови на експлозивен раст на Instagram како целина. Сега имаме 700 милиони глобални корисници“, додава Еверсон.
Stories за прв пат се пофали дека го помина Snapchat во април, кога објави дека има 200 милиони дневно активни корисници.
Што знаеме за Snap? Платформата има 166 милиони дневно активни корисници. Акциите на „Snap“ поевтинија за 3 отсто, откако беше објавена новата информации за бројот на корисници на Instagram Stories.
Истовремено Еверсон ги отфрла обвинувањата за копирање на функционалности, велејќи дека Facebook ја развил идејата за формата на вестите кои Instagram и други компании во моментов го користат. „На луѓето и бизнис сферата им се допаѓа формата на Stories“, вели таа.