Боинг се подготвува да зачекори во светот каде патничките авиони летаат без пилот и веќе следната година има план да ја тестира новата технологија.
Денешните патнички авиони можат да полетаат, крстарат и слетаат користејќи своја вградена компјутерска технологија, а бројот на пилотите на стандардните летови падна од три на два со текот на годините.
„Ова можеби звучи како нешто од далечната иднина, но веќе сега е можно да се купат автоматизирани дронови за не толку висока цена. Тоа значи дека основните елементи од оваа технологија се веќе достапни”, вели Мајк Синет, потпретседател на Боинг за развој на производот.
Беспилотните авиони ќе мораат да ги почитуваат сигурносните стандарди на воздушниот сообраќај, но пред тоа ќе мора да ги убедат регулаторите кои сеуште не знаат како ќе ги центрираат леталата без пилоти.
Авиокомпаниите ја поддржуваат оваа идеја, делумно поради тоа што им треба помош со предвидената потреба за 1,5 милиони нови пилоти во следните 20 години, додека глобалната побарувачка од воздушен сообраќај продолжува да расте.