За разлика од некои други студии кои им плаќаат на тие што се дел од истражувањето, оваа студија ќе се темели исклучиво на доброволна база и засега е фокусирана само на лицата кои биле изложени на коронавирусот.

Научниците од Универзитетот Стенфорд во САД започнаа студија која е фокусирана на улогата на преносните уреди (пред се на паметните часовници) во следењето и идентификацијата на најразлични болести, па така и Ковид-19.

Во текот на 24-месечен период, учесниците кои биле заразени или се сомневаат дека имале Ковид-19 ќе одговараат на низа прашања во секојдневни анкети. Исто така, ќе мора да го носат својот уред како на пример Apple Watch или Fitbit во текот на целата студија.

Интересно, научниците во текот на студијата нема да го следат само физичкото, туку и психичкото здравје на учесниците, а ќе имаат и увид во нивните здравствени картони.

Ова не е прв пат научниците да користат ваков вид на технологија за спроведување на истражувања поврзани со одредена болест. Универзитетот Стенфорд веќе спроведе студија во врска со кардиоваскуларните болести со помош на Apple Watch, што на крајот резултираше со развој на подобри сензори за мерење на отчукувањата на срцето кај самиот паметен часовник.

Оваа студија би можела да биде од помош и на проектот во кој се вклучија Google и Apple – развој на единствена рамка за развој на апликација за следење на контактите во пандемијата на коронавирусот.

Извор: Zimo.hr