Компанијата Uniti од Шведска е на мисија да креира паметен, мал електричен автомобил. За таа цел склучи партнерство со енергетската компанија E.ON за на корисниците на ницните автомобили да им обезбедат 5 години бесплатна електрична енергија. Шведската компанија за неколку дена ќе го претстави првиот автомобил кој доаѓа со таква понуда, пренесува Inhabitat.

Она што е главно мото на Uniti е одржливоста. Тие сакаат да отидат чекор понапред од обично производство на електрични автомобили и да обезбедат и енергија за возење на возилата. Менаџерот за иновации на Uniti, Тобијас Екман изјави дека ова е нов пристап и дека се свесни дека најголем дел од полнењето на автомобилите ќе се одвива дома, па затоа и нивното решение е уште поодржливо.

Телото на автомобилот на Uniti е направено од карбонски влакна кои се рециклираат, а внатрешноста е од органски материјали. Тие за својот автомобил велат дека е ист како еден паметен телефон. Внатре има дисплеј за навигација, а интеракцијата со луѓето е како интеракција со паметен телефон. Електронското забрзување го прави возењето позабавно и побезбедно.

Компанијата планира да го продава автомобилот или директно онлајн со директна достава до дома или во продавници за потрошувачка електроника. Светското деби на автомобилот ќе биде утре, 7 декември, во Ландскрона, Шведска и ќе има пренос во живо. Uniti веќе има речиси 1.000 нарачки. Се очекува првите автомобили да бидат доставени во 2019 година.