Терапијата со крвна плазма, која е одобрена за третман во многу земји во светот, вклучува примање крв од луѓе кои биле заразени со коронавирусот, а резултатите од тестирањата во Вухан се ветувачки, пренесува „Дејли стар“.
Според најновите податоци, оваа терапија им помага на пациентите да оздрават за само три дена.
Терапијата со крвна плазма вклучува примање доза крв од луѓе кои прележале коронавирус која содржи антитела кои ќе му помогнат на имунолошкиот систем да се одбрани од вирусот.
Оваа терапија за првпат беше воведена пред еден век за време на пандемијата на шпанскиот грип, а веќе се користи во Кина, Италија и САД.
Д-р Мајк Рајан, шеф на програмата за вонредни лучаи на Светската здравствена организација, рече дека терапијата со крвна плазма е многу важна област кон која треба да се стреми.
Сè уште нема доволно докази за да се каже во која мерка ова е ефикасно, но резултатите од тестирањето во Вухан даваат ветувачки знак.
Пилот-студија во Вухан откри дека кај 10 пациенти кои биле тешко заболени од коронавирус и примиле крвна плазма, нивната состојба значително се подобрила за помалку од 72 часа.
Функциите на црниот дроб и белите дробови биле подобрени, како и нивото на кислород во крвта, што е знак дека организмот успешно се борел против вирусот.
Од тие 10 пациенти, тројца биле отпуштени од болница, а до крајот на студијата и останатите биле отпуштени од болница.
За споредба, контролна група од 10 пациенти во слична состојба не добила терапија. Тројца пациенти починале, шестмина се стабилизирале и само на еден пациент му се подобрила состојбата во текот на студијата.
Терапијата со крвна плазма е најисплатливиот лек до денес, бидејќи бара само вадење крв од пациенти кои оздравеле.
Извор: Макфакс