Феноменот на сликање селфи фотографии расте секојдневно, а причина за тоа се сè подобрите технички карактеристики на смартфоните, кои во споредба со пред неколку години, сега имаат предни камери со мегапиксели колку и задната камера. Бидејќи и дроновите периодов се исклучително „ин“, зошто двете технологии да не се спојат во т.н The Selfie Drone кој чини $300?

The Selfie Drone е лесен за контролирање и преку него инстантно може да се споделуваат селфијата (или „дронијата“ ) на социјалните мрежи.

Димензиите му се 3.80cm x 20cm x 20cm, а камерата од 12MP има и вграден блиц во случај светлосните услови за фотографирање да не се најдобри. Selfie Drone-от може да снима и Full HD видеа во резолуција 1080p/60fps, а има и механичка стабилизација.

Најдобриот дел е тоа што сето ова може да се контролира преку смартфон апликација.

Дронот може да полета или слета од вашата шака, а дометот му е 30 метри, што треба да е сосема доволно дури и за најголемите групни селфија. Во него има вградено и технологија за избегнување на препреки, што овозможува стабилен лет.

Сликите и видеата се снимаат на microSD картичка со големина до 64GB, а батеријата со едно полнење (кое трае 90мин.) овозможува 8 минути летање.