Претприемачот сер Ричард Бренсон изјави дека компанијата „Вирџин галактик“ ја делат само недели од првото патување во вселената, пренесува Би-би-си.

„Би требало да бидеме во вселената за неколку недели, а не месеци. А потоа, мојата посета на вселената би била за неколку месеци, а не за неколку години“, изјави основачот на компанијата за веб-страницата на Си-ен-би-си.

Тој додаде дека компанијата ќе почне да носи патници во вселената не многу долго по тоа.

Сер Бренсон е во трка со „Спејс екс“ на Илон Маск и „Амазон“ за тоа кој прв ќе испрати патници во вселената. Тој ја основа компанијата за комерцијални вселенски летoви во 2004 година.

Компанијата најпрво вети суборбитални вселенски летови за туристи до почетокот на 2009 година. Но, одложувањата и фаталната незгода во 2014 година го спречија Бренсон во остварувањето на неговите првични амбиции.

Претходно годинава, „Вирџин галактик“ го комплетираше суперсоничниот тест на својот патнички брод SpaceShipTwo, првпат по падот.

Првично с еочекуваше шеесет и седумгодишниот мултимилионер да учествува во вселенски лет пред април годинава.

Пред некое време во интервју за Би-би-си радио 4, Бренсон изјави дека минува низ обука и фитнес-тренинг за астронаути.

„Во соба со 10 луѓе, осум од нив би рекле дека сакаат да отидат во вселената доколку можат да си го дозволат тоа“, изјави Бренсон за Си-ен-би-си.