Гардијан објави дека промената ќе биде радикална и на страницата наскоро ќе може да се читаат вести и други корисни информации.
Компанијата која почна со интернет-пребарување, а денес нуди низа дигитални услуги, најави дека нејзината почетна страница ќе доживее редизајн – прв од 1996 година.
Промената ќе биде радикална и на страницата наскоро ќе може да се читаат вести и други корисни информации, пишува „Гардијан“.
Мобилната страница на „Гугл“ овие содржини ги има од 2012 година, па сосема е разбирлив овој чекор кон воедначување на десктоп и мобилниот екран.
Во средата компанијата најави дека својата почетна страница дополнително ќе ја приспособи на корисниците со помош на технологиите Google Now и напредните алгоритми за машинско учење.
„На страницата ќе можете да гледате спортски вести и видеоснимки со најдобрите потези, најнови вести, интересни снимки, најнови музички изданија и многу друго. Почетната страница ќе зависи од вашата интеракција со ’Гугл‘ и со трендовите низ целиот свет, но и со вашиот потесен географски регион“, изјави Саши Такур, потпретседателка за инженерство во „Гугл“.
Корисниците исто така ќе можат да следат теми и вести поврзани со филм, музика, спорт и други теми, директно од резултатите.
„Гугл“ еднаш веќе се обиде да воведе лична димензија во својот пребарувачки сервис во облик на iGoogle страници. Таа услуга беше покрената во 2005 година, но беше укината во ноември 2013. Всушност, iGoogle им се прикажуваше само на оние што се пријавиле на таа посебна верзија на почетна страница на „Гугл“.
Од „Гугл“ рекоа дека новите додатоци на почетната страница први ќе ги добијат корисниците во САД, и тоа веднаш, а другиот дел од светот – во текот на наредните неколку недели.