Откако светот го обиколи веста дека зад руската апликација FaceApp демнат опасности и дека е можна кражба на идентитет, според пишувањето на магазинот Forbes, станува збор за лажна тревога. Имено, иако експертите предупредуваа дека користењето на оваа апликација не е препорачливо од повеќе причини, од FaceApp се огласија тврдејќи го спротивното и дека нема причини за паника.

“FaceApp не ги користи фотографиите на корисниците и не ги испраќа во Русија за таму да ги користат за различни цели”, стои во истражувањето кое го пренесува Forbes.

Голема паника завладеа и кога се појави информацијата дека FaceApp е всушност во руска сопственост и дека сите права на податоците на корисниците ги задржуваат токму Русите.

Но, исто така, според пишувањето на Forbes, се работи само за уште една дезинформација која се прошири на интернет.

Истражувачот под псевдоним Елиот Алдерсон самиот ја презема апликацијата и истражи колку има вистина во информациите, кои како молња се проширија на интернет.

Францускиот сајбер експерт, истражувајќи ја апликацијата откри дека FaceApp ги презема само оние фотографии кои ги обработуваме, односно оние на кои се трансформираме. Основачот Јарослав Гончаров изјави за Forbes дека нема никаква опасност за корисниците и дека нивните податоци, како ни фотографиите не ги испраќаат никаде, па ни во Русија.

“Нема збор за тоа дека се користат фотографиите и податоците кои се наоѓаат на вашиот телефон, немаме пристап до тоа, имаме пристап само до оние фотографии кои се провлекуваат низ филтрите на апликацијата”, истакна Гончаров.