Минатата недела Motorola официјално ги откри сите детали за новото издание на легендарниот Razr, кој користи дисплеј на преклоп и ќе се најде на американскиот пазар на почетокот на јануари.

На специјален настан во Лондон беа обелоденети и деталите за европската премиера на моделот. Преднарачките во избрани пазари од нашиот континент (Велика Британија, Италија, северни земји), исто така, ќе почнат во декември, а продажбата ќе почне во јануари. Цената е 1599 евра.

Новата Motorola Razr има дизајн кој потсетува на својот славен претходник, но тоа го постигнува со современ хардвер. При отварање на уредот ве поздравува Flex View pOLED дисплејот со дијагонала од 6,2-инчи и резолуција од 2142х876 (21:9) пиксели, кој, за разлика од моделите на Samsung и Huawei, се витка вертикално. На овој начин, при затворена состојба се добива компактна форма (72 x 94 x 14 mm), а кога ќе се отвори, уредот станува нормален паметен телефон (72 x 172 x 6,6 mm).

Однадвор под 3D стаклото Gorilla Glass има втор 2.69-инчен Quick View OLED екран на допир со резолуција од 800×600 (4:3) пиксели за пристап до известувања, снимање на селфи, репродукција на музика, Google Assistant и многу повеќе. Кога ќе го отворите или затворите уредот, содржината автоматски се пренесува на другиот дисплеј. Највпечатливо за уредот е скоро целосниот недостаток на „луфта“ помеѓу двата дела на панелот кога е затворен, за разлика од Samsung Galaxy Fold или Huawei Mate X, што се постигнува со прибирање на шарката во случајот.

Телефонот користи Snapdragon 710 чипсет и доаѓа со 6 GB RAM меморија и 128 GB меморија за податоци, додека батеријата од 2510mAh поддржува полнење од 15W. Motorola Razr има две камери – внатрешна 5MP (f / 2.0) и надворешна 16MP (Sony IMX517, f / 1.7) со поддршка на EIS и Night Vision. Двете камери поддржуваат препознавање на лицето.