Објавата на флексибилниот уред Galaxy Fold не помина онака како што Samsung се надеваше, откако неколку тестери се пожалија на неисправни уреди кои ги добиле на тест, пред лансирањето на смартфонот. На компанијата не и преостана ништо друго, туку да ја одложи објавата на уредот, додека проблемите не бидат отстранети.
Сега Dj Koh, извршен директор (CEO) на Samsung призна дека компанијата направила голема грешка. “Го исфорсирав претставувањето на телефонот, пред тој да биде подготвен. Ова беше непријатно искуство”, истакна Koh.
Телефонот кој има цена од 1980 долари, требаше да го означи големиот триумф на Samsung на мобилниот пазар, кој во последните години прилично стагнира. Galaxy Fold требаше да ги помести границите и трендот во дизајнот, функциите и перформансите, но тоа не се случи.
Според наводите на Koh, компанијата вредно работи на тоа да ги реши сите проблеми пред официјалната објава на уредот.
“Признавам дека направив пропуст кога е во прашање флексибилниот уред, но моментно сме во процес на поправка. Во овој момент се тестираат сите аспекти на преку 2000 уреди”, изјави CEO на јужнокорејската компанија, кој на прашањето кога телефонот официјално ќе биде објавен, истакна дека е потребно уште малку време.