Кога Apple го објави iPhone X и неговите наследници, изгледаше како Touch ID функцијата за iPhone да е прилично завршена работа и дека препознавањето на лицето е иднина која Apple во целост ја прифаќа. Меѓутоа, пријавите за патенти покажуваат дека Apple и натаму истражува нови пристапи и решенија за сензори за читање на отпечатоци од прсти.
Најновиот патент, кој го откри Patently Apple, би можел да биде еден од поамбициозните и порадикални планови досега. За почеток, сензорот за отпечатоци од прсти е задржан под дисплејот на уредите, но за разлика од ривалите на Apple кои користат ултрасоничен сензор, патентот на компанијата сугерира дека pin-hole камерите сместени под дисплејот би можеле да се користат за скенирање на отпечатоци.
Патентот исто така покажува дека областа, која се користи за скенирање е прилично голема и го зазема речиси целиот екран. Тоа значи дека корисниците би можеле да го стават прстот на скоро било кој дел од екранот за да извршат скенирање на отпечатокот. Покрај користењето за сигурност, патентот покажува и дека функцијата би можела да биде искористена за следење на виталните знаци на здравјето.
Засега не постојат гаранции дека комплетниот патент, или деловите на функциите од патентот ќе бидат имплементирани во конкретен производ на компанијата Apple, но ова е доказ дека производителот има планови да изврши одредени измени на ова поле.