Пратениците во Европскиот парламент денеска гласаа за авторските права на интернет, предлог за директива за авторските права на дигиталниот пазар, кој неодамна предизвика многу контроверзии во цела Европа.

Предлогот за директивата, која по тврдењата на Комисијата треба да се воведе во 21 век и да осигури дека авторите на музика, филмови и вести ќе бидат правично платени за својата работа, беше почеток на една од најжестоките лобирачки војни во историјата на официјален Брисел, во кој силите ги одмерија медиумските куќи и Пол Мекартни, од една страна, и поборниците за слобода на интернет, од друга.

Европскиот парламент во јули го отфрли предлогот што претходно беше усвоен од страна на надлежната Комисија за правни прашања, но денес пратениците повторно гласаа за тој предлог.

Критичарите на директивата сметаат дека таа може сериозно да ја поткопа слободата на говорот на интернет, би влијаела за укинување на популарните мемиња, би го закочила развојот на дигиталната технологија во Европската Унија, значително би го отежнала работењето на помалите компании и би го усложнила животот на корисниците на интернет.

Особено се критикува членот 13, кој одговорноста за контрола на користењето авторски содржини целосно ја префрла на конкретни интернет-страници, притоа воведувајќи ја идејата за автоматски филтер на содржини, со кој де факто би се забранило користењето на популарните мемиња, како, на пример, Grumpy cat, но и цитатите од „Википедија“ и разни други работи кои се вообичаен и нераскинлив дел од секојдневната интернет комуникација.

Членот 13 не предвидува правна санкција за проблемите што може да произлезат како резултат на грешките кај автоматските филтри, со што се отвора прашањето за тоа како ќе се решат постапките при погрешно отстранување на содржини од интернет.