Tемата за дискусија на третата по ред Конференција за управување со интернетот кај државите на Југоисточна Европа (СЕЕДИГ) е отсуството на единствена законска регулатива што би ја уредувала проблематиката на употребата на интернетот на меѓународно ниво и огромното влијание на интернетот врз сите сфери на живеењето.
„Бидејќи не постои некој што го управува интернетот, не постои интернетзакон, постои само обид на различни нивоа на различни земји, со пристап што е широко отворен, транспарентен и консултативен, да се разгледуваат најдобрите практики во земјите како се справуваат со проблематиката и нејзина регулација во својата легислатива“, рече министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска.
„Како што секоја земја напредува во прифаќањето на технологијата така излегуваат нови потреби за нешто дополнително да се регулира, постои потреба многу работи да се уредуваат. Ние работиме, живееме и се однесуваме во реалниот свет, но виртуелниот свет, оној на интернетот, исто така треба да биде обезбеден со некаква регулација“, додаде Арсовска Томовска.
„Регулаторната рамка и законската регулатива што се однесува на интернетот во државите во регионот е во некаква почетна фаза. За жал, се наоѓаме на самиот почеток кога станува збор за заштита на населението во областа на интернетот. Се надеваме дека наскоро ќе имаме некакви решенија од надлежните институции во насока на определување правна рамка илисоодветна регулатива што би ја уредила проблематиката на употребата на интернетот“, вели Предраг Ковач, генерален директор на Регулаторната агенција за комуникации на БиХ.
Иницијативата за управување со интернетот кај државите од поширокиот простор на Југоисточна Европа (СЕЕДИГ), призната од Обединетите нации, само по себе не е тело што одлучува, но е инклузивен начин за размена и добивање идеи, размислувања и решенија за конкретната област.
ИЗВОР: Макфакс