Со историскиот потег на FDA (Американската администрација за храна и лекови), првата дигитална пилула е одобрена за комерцијална употреба. Таа е дизајнирана да следи дали пациентите ги земаат препишаните лекови, а тие доброволно може да им дадат пристап на информациите собрани од сензорите на нивните доктори, членови на фамилијата или оние кои ги издржуваат.

Пилулата наречена Abilify MyCite додава малечок сензор – не поголем од зрно песок –  направен од силикон, бакар и магнезиум во таблета Abilify.Тоа е лек кој се користи за третирање на ментални пореметувања како шизофренија и биполарност, како и за депресија во конјукција со антидепресиви.

Сензорот се активира кога ќе дојде во контакт со стомачната киселина и почнува да испраќа сигнал кој го прима лепенка што пациентот ја носи на левата страна на градниот кош. Лепенката се конектира со смартфон апликација преку Bluetooth конекција, преку која што може да се пристапи на информациите добиени од сензорот.

Сензорот може да следи кога апчето е земено, неговата доза, како и мноштво други информации како нивото на активност, моделите на спиење и срцевите отчукувања.

Оваа технологија е сè уште во зачеток така што е потребно да се изрегулира нејзиното користење, бидејќи меѓу другото,  чувствителните медицински информации на луѓето ќе можат да паднат во раце на хакери.

Следењето на здравјето од внатрешноста на телото на пациентот може да создаде нови феноменални можности за медицински третмани, но и за злоупотреба од разни владини или  организации од „црниот пазар“.