Елон Маск во последно време ги полни страниците на печатот и тоа претежно со негативни вести – од неговите планови да ја повлече „Тесла“, која забележа рекордни загуби на берзата, неговиот исказ дека британскиот спасувач во Тајланд бил педофил, па сè до неговото пушење марихуана во емисија, поради што, по којзнае којпат паднаа акциите на неговата компанија, а двајца менаџери дадоа отказ.
Но, во истата емисија, кај популарниот домаќин и комичар Џо Роган, Маск даде една многу интересна најава, која сепак предизвика помал интерес отколку неговото пушење џоинт. Станува збор за неговиот проект „Неуралинк“, кој ќе може да го поврзе нашиот мозок со компјутер.
Сепак, според Маск, ова не е толку голем скок како што првично изгледа бидејќи луѓето практично се веќе поврзани со своите паметни телефони. Тој вели дека новата направа само ќе го забрза протокот на информации.
„Ова ќе овозможи секој што ќе посака да има натчовечко знаење. Размислите, колку сте попаметни со мобилен телефон или компјутер отколку без него? Јас би рекол дека овие уреди нè прават многу попаметни. Со нивно посредство, може да одговориме на кое било прашање речиси веднаш“, рече директорот на „Тесла“.