Роботите најдоцна до 2025 година, ќе извршуваат 52 отсто од постоечките работи, што е речиси двојно повеќе од денес, се наведува во истражувањето објавено од страна на Светскиот економски форум (WEF).

Студијата се базира на анкета во која беа вклучени директори на кадровски служби и други високи челници на голем број компании од целиот свет, кои во глобалниот БДП имаат удел од околу 70 отсто.

Според нивните проценки, машините до 2025 година ќе извршуваат повеќе од половина од задачите на работното место, додека денес завршуваат 29 проценти од работата, се наведува во извештајот на Светскиот економски форум со наслов „Иднината на работните места 2018“.

Паралелно со тоа луѓето може да добијат нови улоги, што од нив ќе бара преквалификација за да задржат чекор со „тектонските поместувања“ во однос на машините и компјутерските програми, проценува Светскиот економски форум.

„Брзите промени на машините и алгоритмите, би можеле да создадат 133 милиони нови позици кои ќе ги заменат 75-те милиони во згасување, во периодот од сега до 2022 година“, предвидува Светскиот економски форум.