Компанијата е обвинета за прекршување на законот повеќе од 40 милиони пати и за доведување на своите корисници во заблуда.

Суд во американската сојузна држава Њу Мексико ѝ наложи на Meta – матичната компанија на Facebook, Instagram и WhatsApp – да плати казна од 25 милијарди долари поради доведување на јавноста во заблуда во врска со начинот на кој постапува со податоците на корисниците.

Судијата ја донесе пресудата по судењето, во кое беше утврдено дека компанијата со години ја доведувала јавноста во заблуда во однос на користењето и споделувањето на податоци, како и во однос на спроведувањето на политиките против говор на омраза, пренесува BBC.

Поротата утврди дека Meta ги прекршила законите на сојузната држава Њу Мексико повеќе од 40 милиони пати, при што обвинителите наведоа дека оваа измама засегнала приближно два милиони жители на таа држава.

Главниот правен директор на Meta, Си Џеј Махони, најави жалба, тврдејќи дека одлуката на судот практично ѝ оневозможува на Meta да дејствува во таа сојузна држава.

Обвинителите бараа казна од 40 милијарди долари, додека одбраната тврдеше дека секоја казна поголема од 3,4 милијарди долари би била „неуставна“.

Случајот е поврзан со скандалот Cambridge Analytica, во кој податоци на милиони корисници на Facebook беа искористени за цели на политички консалтинг, вклучително и за активности поврзани со претседателските избори во САД во 2016 година.

BBC напоменува дека ова не е првпат компанијата да се соочува со казни поради начинот на кој постапува со податоците на корисниците. Во 2019 година, Федералната трговска комисија на САД ја казни Meta со пет милијарди долари, додека оваа година, Њу Мексико изрече казна од речиси една милијарда долари поради доведување на јавноста во заблуда во врска со безбедноста на платформите на социјалните мрежи за децата.

И покрај овие правни постапки, Meta планира оваа година да инвестира најмалку 135 милијарди долари во проекти – првенствено оние поврзани со вештачката интелигенција.

Само ова лето – од јули до септември – компанијата оствари приход од 64,5 милијарди долари, со нето добивка од 9,8 милијарди долари.