Регулаторите ги таргетираат социјалните мрежи и апликациите кои не направиле доволно за да ги заштитат децата.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека Европската унија подготвува нови регулативи насочени кон бизнис моделите на социјалните мрежи за да ги заштити децата и младите од штетна содржина и механизми за зависност.
Зборувајќи во Копенхаген, фон дер Лајен рече дека негативните ефекти од социјалните мрежи врз младите не се случајни, туку се резултат на модели кои „го третираат вниманието на децата како продажна роба“, објави Ројтерс.
Таа рече дека регулаторите особено ги таргетираат платформите TikTok, X, како и Meta со Instagram и Facebook.
Според неа, ЕК презема мерки против TikTok поради функции како што се бесконечно скролување, автоматско репродуцирање на содржина и „push“ известувања, кои ги опиша како дизајн што предизвикува зависност.
Фон дер Лајен додаде дека Комисијата верува дека Instagram и Facebook не ја применуваат доследно минималната возрасна граница од 13 години.
Европската комисија, исто така, започна постапка против платформата X за наводно користење на нејзината алатка за вештачка интелигенција Grok за креирање сексуализирани слики од жени и деца.
Претседателот на ЕК, исто така, поддржа воведување на построги правила што би го ограничиле пристапот до социјалните мрежи за тинејџери под одредена возраст.
Поврзани артикли
