Поротата во Ново Мексико ѝ наложи на Meta да плати 375 милиони долари граѓански казни, утврдувајќи дека компанијата ги довела во заблуда корисниците во врска со безбедноста на своите платформи и со тоа овозможила штета, вклучително и сексуална експлоатација на деца.
Според „Гардијан“, ова е првата пресуда со која Meta е прогласена за одговорна за дела извршени на нејзините платформи.
Историска пресуда
„Пресудата на поротата е историска победа за сите деца и семејства кои ја платија цената за одлуката на Meta да го стави профитот пред безбедноста на децата“, рече главниот обвинител на Ново Мексико, Раул Торез.
„Раководителите на Meta знаеја дека нивните производи им штетат на децата, ги игнорираа предупредувањата од сопствените вработени и ја лажеа јавноста за она што го знаеја. Денес, поротата, заедно со семејствата, едукаторите и експертите за безбедност на децата, рекоа дека е доста.“
Канцеларијата на главниот обвинител ја поднесе тужбата во декември 2023 година, по двегодишна истрага на „Гардијан“ која во април истата година откри како Фејсбук и Инстаграм станале пазари за трговија со деца за сексуална експлоатација. Таа истрага се споменува неколку пати во тужбата.
Поротата му наложи на Meta да ја плати максималната казна според законот од 5.000 долари по прекршок, што вкупно изнесува 375 милиони долари, казни за кршење на законите за заштита на потрошувачите на Ново Мексико. Поротата го прогласи Мета за одговорен за двете тужби поднесени од државата Ново Мексико според Законот за нефер практики.
Мета најави жалба
Мета изјави дека ќе се жали на пресудата, обвинувајќи го Торез за изнесување „сензационалистички и ирелевантни аргументи преку селективен избор на документи“.
„Со почит не се согласуваме со пресудата и ќе се жалиме. Работиме напорно за да ги заштитиме луѓето на нашите платформи и ги препознаваме предизвиците во идентификувањето и отстранувањето на злонамерни актери или штетна содржина“, изјави портпаролот на Meta.
„Ќе продолжиме енергично да се браниме и да останеме уверени во нашите резултати во заштитата на тинејџерите на интернет“.
Поврзани артикли
