Првата истражувачка фабрика во светот неодамна беше отворена во подрачјето Simmeringer Haide во главниот град на Австрија, каде експерти од различни области работат на идни енергетски решенија и производство на зелено гориво.

Со капацитет од еден мегават, експерименталната централа работи речиси на индустриско ниво. Со користење на технологија единствена во светот, синтетичкиот гас се формира од отпадот од дрво, отпадната тиња и остатоците од производството на хартија кои се прочистуваат и се претвораат во сурова нафта. Гасот, меѓу другото, се користи и за производство на обновливо дизел гориво како алтернатива на обичниот дизел произведен од фосилни горива.

Среднорочна цел на проектот е производство на зелено гориво – CO2 неутрален дизел – од добиената сурова нафта.

Оваа фабрика во иднина би можела да произведува до 10 милиони литри зелено гориво годишно, со што ќе ја заштити животната средина од 30.000 тони фосилен јаглерод диоксид. Таа количина на гориво би била доволна за снабдување на целиот возен парк на градските автобуси во Виена.

„Благодарение на оваа централа, повторно сме во првите редови на истражувањето во областа на енергетската транзиција. Ни требаат вакви иновативни пристапи на патот кон климатската неутралност, но и за подобрување на безбедноста на снабдувањето со гориво“, рече Петер Ханке, член на градската управа за економија и финансии.

Како дел од проектот „Waste2Value“ ќе се работи и на производство на обновлив гас или водород.

Оваа технологија може да се примени во различни области како што се земјоделството, воздушниот или товарниот транспорт и патниот превоз на патници.