Итан Молик, еден од водечките експерти за генеративна вештачка интелигенција, тврди дека се појавуваат докази за зголемена продуктивност на работното место, но истакнува дека сè уште знаеме многу малку за вистинското влијание на вештачката интелигенција врз пазарот на трудот.
Неговото мислење го делат и директорите за човечки ресурси на водечките компании, кои се согласуваат дека доаѓаат големи промени, но дека има повеќе прашања отколку одговори за лидерите, пишува Си-ен-би-си.
Професорот од Вортон школата на Универзитетот во Пенсилванија, кој советувал многумина, од претседателот на Федералните резерви, Џером Пауел, до Џими Фалон, сподели директна порака на самитот CNBC Workforce Executive Council во Њујорк. „Можам да ви кажам, никој ништо не знае“, рече Молик. Ова, вели тој, ги вклучува и врвните лаборатории за истражување на вештачката интелигенција. „Тие не знаат за што служи. Ми велат дека го користат мојот Твитер – Икс – фид за да сфатат“, додаде тој.
Неговата поента е едноставна: ниедна компанија денес не може да вработи човек со петгодишно искуство во користењето на генеративна вештачка интелигенција. „Тие не постојат“, заклучи тој.
Потребно е отстапување од старите навики
Голем дел од напредокот во вештачката интелигенција се случува во она што експертите го опишуваат како „црна кутија“, а сличен јаз постои и во разбирањето на влијанието на вештачката интелигенција врз економијата.
Клер Мекинтајр, виш потпретседател на Sam’s Club, забележа дека модерната култура на кариера се базира на наградување на „имањето одговори“, но тоа се менува. „Веќе не станува збор за тоа да ги имате одговорите. Станува збор за поставување брилијантни прашања, уредување информации и донесување одлуки со брзината на Тик-ток“, рече таа.
Кристина Шелинг, главен директор за таленти во Verizon, се согласи, додавајќи дека со децении сме биле наградувани за перфекционизам. Со вештачката интелигенција, исходот е ретко совршен. „Во ред е да се биде во ред со неуспех или грешка“, рече таа.
Меките вештини како емпатија, љубопитност и агилност се поважни сега од кога било. Молик забележа дека сегашната вештачка интелигенција е повеќе човечка отколку машинска, па затоа луѓето кои се добри со луѓе можат да ја искористат во своја корист.
Иако постојат докази за зголемување на продуктивноста, како што е студијата на која работел со „Бостон консалтинг груп“, Молик се плаши дека неимагинативните компании ќе ја гледаат автоматизацијата како единствен пат напред.
„Се грижам дека неимагинативните организации ќе мислат дека автоматизацијата е патот напред“, рече тој, додавајќи дека работниците нема да ја прифатат вештачката интелигенција освен ако не почувствуваат дека зголемувањето на продуктивноста ќе им се врати преку дополнителни придобивки.
Компании како „Волмарт“ и „Веризон“ веќе гледаат резултати. Во „Волмарт“, повеќе од 100.000 работници на првата линија користеле генеративна вештачка интелигенција, додека „Веризон“ користел вештачка интелигенција за анализа на јавно достапни податоци за своите вработени за да им помогне да ги планираат своите кариерни патеки. Иако работниците првично биле скептични, стапката на отпуштање во пилот-групата била помала од 1%. Главниот совет на Молик за сите лидери е едноставен.
„Мојот совет број еден е да платите 20 долари месечно за Claude на Anthropic или GPT на OpenAI или Gemini на Google и да го користите за сè за што можете законски да го користите“, рече тој, препорачувајќи користење на алатките најмалку 10 часа неделно. Според него, чекањето одговори или препуштањето на сè на ИТ одделот се најголемите грешки што лидерите можат да ги направат.
фото: принтскрин