Европската комисија денес објави дека ќе провери како големите платформи ги штитат своите корисници од онлајн финансиски измами.
Комисијата испрати формални барања за информации до компаниите Meta, Apple, Microsoft и Booking согласно Законот за дигитални услуги (DSA).
Целта е да се открие како компаниите гарантираат дека нивните услуги нема да се злоупотребуваат за измамнички цели, објави денес францускиот медиум BFMTV.
Европската Унија сè повеќе ја испитува безбедноста на дигиталните услуги, особено за да ги заштити корисниците од онлајн измами и злоупотреба на лични податоци. Регулативата за DSA наметнува построги обврски за големите платформи и бара од нив да обезбедат сигурна и транспарентна дигитална средина.
Комисијата нагласи дека заштитата на потрошувачите е приоритет и дека надзорот врз компаниите ќе биде засилен за да се спречат можни финансиски измами.
Се очекува компаниите да одговорат на испратените барања во наредните недели, по што ќе биде можно да се идентификуваат какви било недостатоци или потребни мерки.