Кинескиот државен безжичен оператор China Unicom изгради огромен центар за податоци напојуван од домашни чипови за вештачка интелигенција.

Објектот вреден 390 милиони долари се наоѓа во Сининг, главниот град на западната кинеска покраина Ќингхај, а центарот ќе има компјутерски капацитет од 20.000 петафлопи кога ќе биде завршен, објави „Ројтерс“.

Досега се изградени 3.579 петафлопи со користење на речиси 23.000 домашни чипови за вештачка интелигенција.

FLOPS (Floating-point Operations Per Second) е единица за мерење во компјутерството што го означува бројот на операции со подвижна запирка во секунда и се користи за мерење на брзината и перформансите на компјутерите, особено суперкомпјутерите.

Чип-единицата на „Алибаба“, „Т-Хед“, испорача околу 72 проценти од користените чипови. Се вели дека Пекинг се обидува да го намали влијанието на странските технологии на овој начин.