Електронскиот систем за поднесување судски предмети на федералното судство на САД е цел на голем кибернапад, дознава весникот „Политико“.

Се сомнева дека нападот компромитира чувствителни податоци во повеќе држави, изјавија за Политико два извори запознаени со инцидентот.

Нападот, кој не е јавно откриен, би можел да ги компромитира идентитетите на доверливи сведоци и соработници во кривични случаи пред повеќе федерални судови, велат изворите, зборувајќи под услов на анонимност.

Според нив, Канцеларијата на административните судови на САД (AOUSC) прво го утврдила обемот на безбедносниот инцидент на почетокот на јули, но сè уште работи со Министерството за правда и локалните судови за да го утврди целосниот обем на штетата.

Иако не е потврдено кој стои зад нападот, се сомнева дека се вклучени актери со врски со странски земји, а како можност се споменуваат и групи на организиран криминал.

Кибер нападот бил насочен кон системот за управување со случаи CM/ECF, кој го користат адвокатите и судскиот персонал за прикачување и обработка на документи, како и PACER – систем кој овозможува ограничен јавен пристап до истите податоци.

Компромитирани податоци за заштитени сведоци
Системот, според „Политико“, содржи бројни доверливи документи, вклучувајќи информации за заштитени сведоци, обвиненија кои сè уште не се објавени, како и налози за апсење и претрес, што би можеле да им помогнат на осомничените да избегнат судски постапки.

Сепак, според еден од изворите, идентитетите на повеќето заштитени сведоци не биле компромитирани бидејќи се чуваат во посебни бази на податоци што ги води Министерството за правда.

Нападот се случува во време кога претставници на судската власт предупредуваат дека постојните електронски системи се застарени и ранливи на сајбер закани.

Судијата Мајкл Скадер, претседател на Комитетот за информатичка технологија во рамките на федералното судство, изјави пред Конгресот дека системите CM/ECF и PACER се „неодржливи“ и мора итно да се заменат со посовремени решенија.

Скадер нагласи дека федералното судство складира исклучително чувствителни податоци и е под постојани сајбер закани, и дека замената на овие системи е еден од главните приоритети.

Според „Политика“, ова не е прв сајбер инцидент во американскиот судски систем. Министерството за правда истражува претходен напад од 2022 година, во кој, според информациите од тоа време, учествувале три странски хакерски групи.