Огромен број доктори пишуваат рецепти за лекови толку нечитливи што просечниот човек е невозможно да ги „дешифрира“, а тоа е проблем кој технолошките компании со децении се обидуваат да го решат без успех, но една од нив не се откажува.

Google на својата годишна конференција во Индија објави дека соработува со фармацевтите за да го реши проблемот со „докторскиот ракопис“. Функцијата ќе биде достапна преку технологијата Google Lens и ќе им овозможи на корисниците да фотографираат рецепт или да прикачат фотографија од галеријата. После тоа, фотографијата ќе биде обработена, а апликацијата ќе ги открие и извлече лековите наведени на рецептот.

„Ова ќе функционира како помошна технологија за дигитализација на пишани медицински документи со вклучување на фармацевти, но ниедна одлука нема да се носи исклучиво врз основа на резултатите од оваа технологија“, велат од Google.

Компанијата не прецизираше кога функцијата ќе биде достапна за корисниците, но истакна дека Индија има најголем број корисници на технологијата Google Lens во светот. Оваа земја е главен пазар за Google бидејќи е дом на 500 милиони нејзини корисници.