Huawei ја зазеде водечката позиција на кинескиот пазар на паметни телефони.

Huawei ја презеде водечката позиција на кинескиот пазар на паметни телефони во вториот квартал од 2025 година, додека Apple забележа раст на испораките во Кина за прв пат по неколку месеци, според неодамна објавените податоци од аналитичката фирма Canalys.

Според податоците, Huawei“ испорача 12,2 милиони телефони во текот на вториот квартал, што е зголемување од 15 проценти во споредба со истиот период минатата година.

Компанијата со тоа обезбеди 18 проценти од пазарниот удел и се врати на првото место во однос на испораките во Кина за прв пат од првиот квартал од 2024 година, објави CNBC.

Apple го освои петтото место со испорачани 10,1 милиони единици, што е зголемување од 4 проценти на годишно ниво. Ова е првата регистрирана квартална експанзија на Apple во Кина од крајот на 2023 година.

Canalys изјави дека растот на испораките на Apple е поттикнат од „стратешки прилагодени цени“ за новата серија iPhone 16, попусти на кинески платформи и повисоки цени за размена.

Зголемувањето на испораките доаѓа само неколку дена пред објавувањето на кварталните резултати на Apple. Инвеститорите внимателно го следат работењето на компанијата во Кина, што претставува клучен дел од нејзините приходи.

Акциите на Apple паднаа за околу 14,5 проценти од почетокот на годината, бидејќи компанијата е погодена од геополитички тензии и притисок од американскиот претседател Доналд Трамп, кој постојано повикуваше Apple да го премести производството на iPhone од Кина во САД.