Додека некои свртеа многу пари на криптовалути, многумина зажалија за инвестицијата и завршија во минус.

По долг негативен период, вредноста на криптовалутите како биткоин и етер неодамна повторно порасна. Дел од инвеститорите се прашуваат дали најлошото помина и дали ќе има нов голем раст на криптовалутите, како и дали може повторно да се вратат добри пари на тој пазар, откако многумина ги загубија во последната година.

Ако го прашате Тим Бернерс-Ли, кој е познат и како татко на интернетот бидејќи ги смисли протоколите кои сè уште ја формираат основата на интернетот кон крајот на осумдесеттите, треба да избегнувате такви инвестиции во криптовалути. Неговиот став кон Web3, кој не е позитивен, е познат од порано, а за време на гостувањето во подкастот „Beyond The Valley“ го објасни својот став за криптовалутите.

Според него, се работи за шпекулативен пазар што тој го спореди со .com балонот, кој беше надуен кон крајот на деведесеттите кога бројни компании се обидоа да привлечат инвестиции и да ја подигнат вредноста на своите акции преку презентирање на различни интернет проекти. Вредноста на тие компании растеше со голема брзина додека не се разнесе балонот, па многу компании пропаднаа, а инвестициите беа изгубени.

Тој има слично мислење за пазарот на криптовалути: „Тоа е шпекулативно. Очигледно е многу опасно“. Тој додаде дека таквите инвестиции не се нешто на што би трошел време и ги спореди со коцкање.

Бернерс Ли е само една од познатите личности во технолошката индустрија која им даде палец надолу на криптовалутите. Бил Гејтс го направи истото претходно, посочувајќи дека крипто пазарот се заснова на теоријата за поголема будала, односно луѓето заработуваат пари се додека постои поголема будала која е подготвена да плати повеќе пари отколку што сте платиле за криптовалута.

Дури и најпознатиот инвеститор во светот, Ворен Бафет, не е љубител на криптовалути, а неговата позната изјава е дека не би дал 25 долари за сите биткоини на светот, додека неговиот колега Чарли Мангер смета дека инвестирањето во криптовалути е глупаво, нагласувајќи дека претставуваат опасност за целиот американски финансиски систем.