LG престанува да испорачува софтверски и безбедносни ажурирања за своите телефони.

LG објави дека официјално ќе ја прекине софтверската поддршка за сите свои мобилни уреди на 30 јуни 2025 година, вклучувајќи ги и популарните модели како LG Velvet, Wing и сериите G и V.

За европскиот пазар, крајот на официјалната софтверска поддршка е во 17 часот по централноевропско време.

Иако LG се повлече од пазарот на паметни телефони во 2021 година, компанијата продолжи да обезбедува безбедносни и системски ажурирања за постојните корисници. Таа практика сега официјално завршува.

Еве ги промените што ќе стапат на сила по 30 јуни:

  • Нема да бидат достапни нови системски и безбедносни ажурирања.
  • Апликацијата LG Update Center и алатката LG Bridge ќе бидат исклучени.
  • Исто така, нема да биде можно да се преземат фабрички апликации во случај на ресетирање на уредот.

Компанијата им советува на корисниците да ги инсталираат сите достапни ажурирања до крајот на месецот за да обезбедат максимална стабилност и безбедност на своите уреди.

Експертите предупредуваат дека користењето телефон без ажурирања може да претставува безбедносен ризик и препорачуваат префрлање на уреди кои сè уште имаат активна софтверска поддршка.

LG го затвори својот мобилен оддел поради долгогодишни загуби, но нивните модели останаа на пазарот благодарение на лојалните корисници и препознатливите дизајни.