Во 2027 година, iPhone ќе ја прослави својата 20-годишнина, а Apple се чини дека има големи планови.
Првиот iPhone беше претставен на 9 јануари 2007 година, на конференцијата Macworld во Сан Франциско, а беше пуштен во продажба на 29 јуни истата година во Соединетите Американски Држави. Во 2027 година, iPhone ќе ја одбележи својата 20-годишнина, а Apple се чини дека има големи планови.
Некои странски медиуми истакнуваат дека iPhone-от за 20-годишнината би можел да го донесе најрадикалниот редизајн досега – уред чиј преден дел би бил целосно покриен со екранот, без видливи исечоци за камерата, сензорите и слично.
Оваа шпекулација се совпаѓа со извештајот на „Блумберг“, според кој Apple наводно развива посебен Pro модел со акцент на стаклен дизајн за да прослави две децении од постоењето на iPhone. Може да биде придружен и од долгоочекуваниот преклопен iPhone, но засега не е јасно дали тоа ќе биде првата или втората генерација на таков уред.
Според моменталните информации, преклопниот iPhone би можел да биде претставен веќе во 2026 година. Интересно е што Apple е сè уште единствениот голем производител на паметни телефони кој нема свој преклопен модел.
Оваа голема годишнина би можела да помогне и во оживувањето на интересот за iPhone, особено затоа што продажбата се забави во последните месеци. Дополнителен предизвик претставува новата царина од 125% за производи од Кина, каде што се произведуваат повеќето компоненти за iPhone, воведена за време на администрацијата на Доналд Трамп, пишува CNET.
Како ќе се вика јубилејниот iPhone?
Сè уште не е познато како Apple ќе го нарече својот јубилејен модел. Според редовниот распоред, iPhone 19 треба да се појави во 2027 година. Но, Apple веќе ги прилагоди имињата за важни пресвртници во минатото, на пример во 2017 година го прескокна iPhone 9 и го лансираше iPhone X за 10-годишнината. Затоа, не е исклучено дека за 20-годишнината ќе претстави модел наречен iPhone XX, во согласност со римските бројки.
„Меч со две острици“
Дипанџан Шатержи, потпретседател и главен аналитичар во компанијата Forrester, предупреди дека долгото чекање за нов дизајн на iPhone може да биде „меч со две острици“ за Apple.
„Смелиот редизајн за моделот за јубилејот звучи одлично, но треба да се запомни дека сè уште има две години, а во меѓувреме Apple се бори да ги мотивира корисниците да купуваат нови модели и со тоа да го запре падот на продажбата на iPhone“, истакнува Шатержи.
Тој додаде дека новата функција на Apple Intelligence сè уште не ги мотивирала значително сопствениците на постари iPhone-и да надградат на понови модели. „Високите очекувања за моделот од 2027 година би можеле уште повеќе да го забават купувањето на нови уреди, бидејќи многумина ќе претпочитаат да почекаат“, истакна тој.
Шатержи, исто така, предупредува на уште еден проблем: некои корисници би можеле да го купат поевтиниот iPhone 16E сега и да почекаат неколку години за потоа да го купат поскапиот модел што навистина го сакаат.