Фондот за јавни инвестиции на Саудиска Арабија (Public Investment Fund – PIF) ќе инвестира 3,5 милијарди долари за да ја преземе гејминг дивизијата на компанијата Niantic, позната по глобалниот хит Pokemon Go.

Оваа популарна мобилна игра, која користи технологија за проширена реалност (AR), ги поттикнува играчите да го истражуваат реалниот свет во потрага по виртуелни Покемони. И покрај тоа што беше лансиран пред речиси десет години, Pokemon Go сè уште е меѓу најпрофитабилните мобилни игри, со дури 30 милиони активни играчи секој месец. Оваа аквизиција претставува најнов чекор на Саудиска Арабија во проширувањето на индустријата за игри, во која инвестираше милијарди долари во последниве години.

Покрај Pokemon Go, купопродажниот договор вклучува и други изданија на Niantic како Monster Hunter Now и Pikmin Bloom, заедно со тимовите кои работат на развојот на овие наслови. Сите овие средства ќе бидат интегрирани во Scopely Inc, една од водечките компании во секторот за мобилни игри, која беше купена од подружницата на PIF Savvy Games Group во 2023 година за 4,9 милијарди долари.

Scopely е познат по своите исклучително успешни игри, вклучувајќи го и Monopoly Go, кој е симнат повеќе од 50 милиони пати и генерира приход од над 3 милијарди долари. Иако франшизата Pokemon е во косопственост на три компании – Nintendo, Game Freak и Creatures, лиценцата за развој на мобилната игра Pokemon Go ја доби Niantic, пишува BBC.

Ед Ву, шеф на тимот на Pokemon Go во Niantic, на официјален блог изјави дека верува дека оваа аквизиција е „позитивен чекор за иднината на играта“. „Pokemon Go не е само игра за мене, тоа е мојот животен проект“, рече Ву. „Не можам да ветам дека Pokemon Go ќе остане ист, бидејќи секогаш се менува. Но, начинот на кој го правиме нема да се промени и се надевам дека ќе можеме да го направиме искуството уште подобро“.

Саудиска Арабија се повеќе станува сериозен играч во индустријата за видео игри. PIF веќе поседува удели во некои од најголемите издавачи во светот, вклучувајќи ги Nintendo, Electronic Arts и Take-Two Interactive.

Саудиска Арабија исто така значително инвестира во eSports сцената. Минатата година беше домаќин на eSports World Cup со награден фонд од повеќе од 60 милиони долари, а планира да биде домаќин на Олимписките eSports игри во 2027 година во Ријад.

PIF, кој е во сопственост на саудискиот принц Мохамед бин Салман и поседува стотици милијарди долари благодарение на богатството на Саудиска Арабија базирано на нафта, агресивно инвестира во спортови како што се голф, бокс и фудбал во последниве години. Меѓу поистакнатите инвестиции е купувањето на Newcastle United во 2021 година за 300 милиони фунти.