Waymo преговараше за партнерство со Honda уште од 2016 година, кога компанијата беше дел од Google. Изгледа дека тоа партнерство конечно ќе се случи и двете компании заедно ќе работат на автономно возило кое ќе се користи за превоз на стока.

За разлика од партнерските договори на Waymo со Fiat Chrysler и Jaguar Land Rover, партнерството со Honda нема да биде фокусирано на превоз на луѓе, туку на стока.

Извршниот директор на Waymo, Џон Крафсик не сакаше да открие многу, но јасно е дека договорот е многу блиску до остварување. Тој рече дека ако се случи партнерството, автомобилот кој ќе биде произведен нема да биде традиционално возило, туку двете компании ќе работат на целосно нов модел чија намена ќе биде да пренесува стока, производи и слично.

Според Крафсик, новото возило може да биде помало од стандарден камион и многу е веројатно дека истото нема да има волан, ниту сопирачки. Бидејќи ќе се работи за возило кое најчесто ќе служи за дотур на роба, дискутабилно е дали возилото воопшто ќе има стандардна возачка кабина.

Евентуалното партнерство со Honda, доколку се случи, ќе биде еден од најголемите договори на Waymo, кој со сигурност станува лидер на полето на автономни возила. Во последните неколку недели можеше да се прочитаат вести кои укажуваа на неуспесите на Uber и Tesla со автономните возачи, но Waymo досега немаше ниту еден инцидент.