Новата двонасочна вселенска ласерска комуникациска технологија на НАСА е тестирана на Меѓународната вселенска станица (ISS) и успешно е испратено 4K видео во живо со пропусен опсег на врска од 900 Mbps.

Од март оваа година, трае првичното тестирање на системот ILLUMA-T (Integrated LCRD Low Earth Orbit User Modem and Amplifier Terminal) кој овозможува двонасочна оптичка комуникација со Меѓународната вселенска станица со помош на ласери.

Тој начин на комуникација е тестиран неколку пати и се верува дека би можел да биде клучен за некои идни мисии во длабоката вселена, пред се оние од програмата Артемис. Доколку се покаже успешно, токму на тој начин ќе се врши директниот пренос на враќањето на луѓето на Месечината, откако НАСА ќе стигне до таа фаза од програмата.

До вселената и назад

Со цел да се обезбеди доволен опсег на поврзување, НАСА го подигна нивото и неодамна се обиде – и успеа – да испрати видео со резолуција 4K користејќи го истиот систем, до ISS и назад. Ова е првпат оптичката комуникација да се користи за пренос на видео во вселената, а нејзиниот напредок покажува дека има потенцијал да ги замени традиционалните радио комуникации. Имено, оптичкиот пренос на податоци со ласер има 10 до 100 пати поголем пропусен опсег.

Последниот тест покажа дека сето тоа е изводливо, и тоа во прилично сложена конфигурација. Како почетна точка беше користен мал авион Пилатус ПЦ-12, кој носеше комуникациски терминал на трупот. Тој прелета над едно од големите американски езера, Ири, и емитуваше сигнал до копнената база во Кливленд. Оттаму, сигналот патувал по копно до Ново Мексико, каде што бил испратен во орбитата во форма на инфрацрвен ласерски зрак, но не директно до ISS, туку до комуникацискиот сателит Laser Communications Relay Demonstration (LCRD), лоциран на растојание од околу 35.000 километри.

Дури потоа, сигналот од сателитот беше пренасочен кон системот за приемници ILLUMA-T на Меѓународната вселенска станица, од каде повторно беше пренасочен на Земјата. На крајот, забележана е брзина на пренос на податоци од повеќе од 900 Mbps.

Тестот е официјално завршен, ресиверот е веќе демонтиран од ISS и фрлен како вселенски отпад, а тестовите на опремата на Pilatus продолжуваат. Охрабрени од овој успешен експеримент, водачите на проектот веруваат дека нивната работа ќе им овозможи на астронаутите од мисијата Артемис да проследуваат видеа во 4K, да остваруваат видео повици со висока резолуција и слични активности, досега невидени во вселенскиот домен.