Министрите за надворешни работи на 46 земји денеска на состанокот на Комитетот на министри на Советот на Европа усвоија договор за употреба на вештачка интелигенција (AI).
„Со овој нов договор сакаме да обезбедиме одговорна употреба на вештачката интелигенција која ги почитува човековите права, владеењето на правото и демократијата“, рече во соопштението за печатот генералниот секретар на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ.
Рамковната конвенција на Советот на Европа за вештачка интелигенција и човекови права, демократија и владеење е првиот обврзувачки меѓународен договор за технологија и може да биде потпишан од земји кои не се членки на Советот.
Потписниците се согласија да воведат одредби во нивните национални закони кои обезбедуваат соодветна транспарентност, надзор и отчетност при користењето на вештачката интелигенција, според веб-страницата на Советот на Европа.
Беше посочено дека министрите се обврзале да обезбедат системите за вештачка интелигенција да не дискриминираат и да не ја нарушуваат приватноста на корисниците.
Оваа конвенција се разликува од идниот закон на ЕУ за вештачка интелигенција, иако Унијата учествуваше во изготвувањето на договорот. Се очекува министрите да го одобрат Законот за вештачка интелигенција следниот вторник.
Во изготвувањето на конвенцијата учествуваа 11 земји кои не се членки на Советот на Европа, меѓу кои Аргентина, Австралија, Канада, Костарика, Израел, Јапонија, Мексико, Перу, САД, Уругвај и Ватикан.