Британската банкарска групација ТСБ ги повика социјалните медиуми и апликациите за запознавање подобро да ги заштитат своите корисници од лажни профили поради алармантниот пораст на романтични измами.
Анализирајќи ги податоците од декември 2020 година до јануари 2022 година, TSB откри дека романтичните измами речиси се удвоиле во споредба со нивото пред пандемијата, со рекордно зголемување од 91% во загубите – во просек од 6.100 фунти по инцидент.
Истражувањето на ТСБ откри дека измамените ја плаќале „врската“ во просек по два месеци (62 дена), но евидентирана е најмалку една измама која траела 1.059 дена, значи речиси три години.
Во 32% од случаите – скоро секој трет случај – измамниците добивале пари од жртвите повеќе од две недели пред жртвите да сфатат дека се жртви на љубовна измама. Повеќе од една четвртина (27%) од лажните врски траеле повеќе од еден месец, додека 11% траеле повеќе од половина година.
Според психологот Сем Овен, колку подолго траат овие „врски“, толку повеќе жртвата сака тоа да функционира и ѝ е потешко да каже „не“. Клучот е да се исклучите веднаш штом ќе почнете да забележувате знаци дека личноста со која разговарате е измамник“.
Во случаите кога е забележано потеклото на љубовната измама, првичниот пристап на измамникот бил направен преку социјалните мрежи и апликациите за запознавање, при што Facebook како место на „фаталната средба“ се појавува во повеќе од една третина (35%) од сите случаи на измами. Следуваат Tinder (24%), Plenty of Fish (21%), Match.com (9%), Olderdating.com (3%), Bumble (3%) и Instagram (3%).
Според истражувањето, сите возрасни групи се подложни да станат жртви на љубовна измама. ТСБ вели дека им ги вратил парите на жртвите на возраст од 18 до 77 години. Просечната возраст на жртвите пријавени од банкарската група е 47 години.
Жените се жртви во 66% од случаите на измами поврзани со љубовни врски. Статистички, тие губат просечно 6.300 фунти во споредба со 4.600 фунти, што е просечна загуба кога мажите се жртви на романтична измама.
TSB вели дека само 35% од средствата изгубени во романтични измами се враќаат на жртвите.