Американското Министерство за домување и урбано планирање ја даде на суд социјалната мрежа Facebook, поради „ширење, дозволување и предизвикување“ незаконска дискриминација на потенцијалните купувачи на недвижности, објави „Вашингтон Пост“.

Министерството смета дека Facebook го прекршува американскиот Закон за повластено домување, со тоа што корисникот кој објавува реклама за продажба или изнајмување на станбен простор може да го ограничи прикажувањето на рекламата за афроамериканските или латиноамериканските корисници, како и за жителите од регионите со пониски примања.

– Facebook ги дели луѓето според тоа каде тие живеат. Користењето на компјутерите за да се ограничи изборот на станбен простор е исто толку дискриминаторски како некој да ви тресне врата пред нос, изјави американскиот министер за домување и урбано планирање, Бен Карсон.

Неодамна, социјалната мрежа склучи судски договор со невладината организација Национална алијанса за повластено домување, која го тужеше Facebook за неговата рекламна политика во областа на недвижностите.

Социјалната мрежа од своја страна соопшти дека е изненадена поради тужбата од Министерството и посочи дека работи на решавање на проблемот.