Во првиот квартал од 2018 година на светскиот пазар биле испорачани 61,7 милиони персонални компјутери, се вели во новиот извештај на „Гартнер“. Тоа претставува пад за 1,4 отсто во однос на првото тромесечје минатата година, со што ова е 14. квартал по ред како продажбите опаѓаат.
Продажбата во азиско-пацифичкиот регион и САД опадна за 3,9 и 2,9 отсто, соодветно, додека другите региони забележаа благ пораст, но ова не беше доволно за да се компензира негативната динамика како целина. Главен фактор е пазарот во Кина, каде што има пад од 5,7 отсто.
Глобалниот пазар на персонални компјутери го предводат ХП, Леново и Дел, кои заедно сочинуваат 57 отсто од продажбите, во споредба со 54,5 отсто пред една година. Дел е најбрзо растечка компанија, со раст од 6,5 отсто, а нејзиниот пазарен удел се зголеми од 14,8 на 16 отсто за една година.
Според извештајот, ХП продал 12,86 милиони персонални компјутери, со што се подобриле за 2,8 отсто. Уделот на американската компанија се зголеми од 20 на 20,8 отсто. Во регионот на EMEA (Европа, Блискиот Исток и Африка), ХП постигна двоцифрен раст во сегментите за десктоп и лаптоп компјутери, додека во другите региони забележува мал пад.
Бизнисот на Леново останува речиси непроменет. Кинескиот производител продаде 12,35 милиони компјутери за трите месеци, во споредба со 12,31 милиони претходната година, што претставува раст од 0,3%. Уделот на Леново се зголеми од 19,7 на 20 отсто. Компанијата забележа двоцифрен раст во Латинска Америка, раст од 6 отсто во ЕМЕА и пад од 4 во Азија, што го лиши од значителен прогрес како целина.
Бизнисот на Дел расте со над 10 отсто речиси насекаде, со исклучок на Азија-Пацифик регионот. Производителот од Тексас доставил 9,88 милиони персонални компјутери во тромесечјето, во однос на 9,3 милиони година порано. Успехот на компанијата е условен најмногу од нејзините силни позиции во бизнис сегментот.
Во топ 5 на водечките производители во светот спаѓаат уште Епл и Асус со продажба од 4,2, односно 3,9 милиони единици и пазарни удели од 6,9 и 6,3 отсто, покажуваат податоците на „Гартнер“ за периодот јануари-март 2018 година.