Автопатите би можеле да се користат за производство на електрична енергија со помош на соларни панели.
Наскоро ќе започне реализацијата на пилот-проект во кој дел од автопатот во Германија ќе биде покриен со фотоволтаични модули.
Темелот на конструкцијата ќе биде поставен пред крајот на оваа година, а челичната конструкција, која вклучува фотоволтаични елементи, треба да биде поставена во првиот и вториот квартал на 2023 година, соопшти Autobahn GmbH, а пренесува Revijahak.
Првиот сегмент ќе биде со димензии 10 × 17 m, а ќе биде издигнат околу 5,5 m над коловозот. Структурата ќе биде изградена на дел од патот и просторот за одмор во близина на градот Цинген во сојузната покраина Баден-Виртемберг.
Пилот-проектот ќе се тестира повеќе од една година, при што ќе се вршат различни мерења, објави Autobahn GmbH. Потоа ќе се анализираат можностите за континуирано функционирање на ваквите специјални објекти.
Слично размислуваат и во Швајцарија, каде владата испитува кои делови од автопатот се погодни за покривање со соларни панели. Теоретски, прифатливи се сите правци кои не минуваат низ тунели.
Звучните бариери покрај автопатот исто така можат да бидат опремени со панели. Само потенцијалот на овие бариери изнесува околу 55 GWh електрична енергија годишно, што би било околу 0,05 отсто од вкупната потрошувачка на електрична енергија во Швајцарија.