Навредувањето преку интернет е проблем за многубројни игри и мрежни услуги, а ниту една компанија не сака нејзината игра или услуга да се поистоветува со малтретирање, прост речник и слични појави, па затоа оваа година ќе гледаме сè повеќе обиди тоа да се искорени и да се санкционира колку што е можно повеќе.
За таа цел е формирана алијансата „Fair Play“ во која учествуваат над 30 светски познати компании, вклучително и „Твич“, „Епик“, „Рајот“ и други.
Иако тие компании ќе се обидат преку алијансата да дејствуваат колективно, секоја од нив и индивидуално ќе се обидува своите услуги или игри да ги направи што помалку токсични. „Близард“ оваа недела ја претстави и опцијата за избегнување одредени играчи на играта „Овервоч“.
Компанијата „Мајкрософт“ одлучи од 1 мај да воведе измени во правилата за однесување за корисниците на услугата „Иксбокс лајв“, но и за „Скајп“.
Има две важни промени. Првата забранува какво било јавно споделување на недолични содржини и материјали, вклучително и порнографија, прикажување насилство или криминални активности. Втората забранува користење навредлив говор при разговорите преку „Иксбокс лајв“ или „Скајп“.
„Мајкрософт“ не дефинира што е навредлив говор или како ќе го детектира.