НАСА објави дека го одложува лансирањето на новата генерација вселенски телескоп до 2020 година.

Официјалните лица изјавија дека им треба повеќе време за составување и тестирање на вселенскиот телескоп „Џејмс Веб”, кој се смета за наследник на телескопот Хабл, објави АП.Телескопот требаше да биде лансиран оваа година, но минатата есен НАСА прво го одложи своето лансирање за 2019 година, а сега го помести за уште една година.

“Имаме шанса да го направиме сето ова како што треба, пред да го пуштиме телескопот во вселената”, рече официјалниот претставник на НАСА, Томас Цурбухен. Тој додаде дека се направени некои грешки при подготовката на телескопот како и дека НАСА не го земала во предвид обемот на целата работа, објави АП.

НАСА и нивниот партнер, Европската вселенска агенција, ќе работат заедно за да го одредат новиот датум на лансирање, кој за сега е закажан за мај 2020 година.

Официјалните претставници велат дека трошоците за проектот би можеле да го надминат лимитот од 8 милијарди долари поставен од Конгресот на САД. НАСА веќе потроши седум милијарди долари за телескопот.