Во рускиот напад на Украина е уништен еден од најголемите украински музеи во приватна сопственост.
Станува збор за музејот Club 8-bit, кој беше уништен при нападот на Мариупол. Ова преку Фејсбук го потврди сопственикот на музејот, Дмитри Черепанов.
„Тоа е тоа, компјутерскиот систем во Мариупол повеќе не постои. Сè што остана од колекцијата што ја собирав 15 години се фрагменти од спомени на Фејсбук страницата, веб-страницата и радио станицата на музејот“, напиша Черепанов.
Музејот Club 8-bit поседува повеќе од 500 експонати од компјутерската историја, а некои датираат од педесеттите години на минатиот век. Тој беше еден од најголемите или најатрактивните музеи со колекција на компјутери од советската ера.
На Черепанов му беше потребна повеќе од една деценија да собере и обнови многу од компјутерите изложени во Club 8-bit. Она што е посебно значајно за овој музеј е фактот што тој ја документираше заедничката историја на украинскиот и рускиот народ.
Сепак, Черепанов го преживеа нападот, но исто како и многу жители на Мариупол, тој го загуби својот дом.
Оние кои сакаат да му помогнат можат да донираат средства преку PayPal, а средствата ќе се користат и за помош на други Украинци кои страдаат од руската инвазија.