SpaceX има намера да го прекине производството на својата капсула Crew Dragon, откако ќе ја заврши работата на четвртиот и последниот примерок.

По потврдувањето на оваа информација, приватната компанија на американскиот бизнисмен Елон Маск соопшти за Ројтерс дека ќе продолжи да произведува компоненти за леталото и дека ќе го задржи капацитетот за производство на дополнителни Crew Dragon капсули, во случај нешто да се промени во иднина.

Со оглед на фактот дека Crew Dragon може повторно да се користи, отсекогаш се претпоставуваше дека SpaceX ќе произведе ограничен број копии од ова летало, но до најновите информации не се знаеше колку всушност капсули се планирани пред да се премине на други проекти.

Од својот прв лет со екипаж во 2020 година, капсулата Crew Dragon пренесе пет екипажи во вселената, вклучително и еден составен од цивили кон крајот на минатата година. Како дел од тековната програма Commercial Crew, NASA планираше да ја користи капсулата SpaceX за испраќање астронаути на Меѓународната вселенска станица за време на шест различни мисии, но неодамна објави дека ќе ја користи уште три години поради доцнењата поврзани со вселенското летало Starliner на Boeing.

Крајот на производството на Crew Dragon доаѓа во време кога SpaceX чека сертификат за својата голема ракета Starship од следната генерација, за да биде оперативна. Токму Starship е клучен за сите планови на SpaceX кои се однесуваат на Месечината и Марс. По неколку одложувања, Маск неодамна изјави дека го очекува првиот тестен орбитален лет на Starship во мај.