Samsung продолжува да ја подобрува брзината на ажурирање на најновата верзија на оперативниот систем, уште откако прв пат се појави One UI. Според неодамнешните гласини, Samsung можеби се подготвува да ја објави следната верзија на Android побрзо од било кога досега.
Дојавувачот Ice Universe оваа недела сугерираше дека флексибилниот Galaxy Fold3 телефон ќе пристигне со One UI 3.1.1, што укажува на мали подобрувања на интерфејсот и функциите. Причината е тоа што од следниот месец, Galaxy S уредите можат да почнат со тестирање на One UI 4 интерфејсот со Android 12. Ова значи дека нема да има One UI 3.5 верзии на софтвер.
Бета верзијата One UI 3 стартуваше во октомври минатата година, додека стабилното ажурирање стана достапно во декември. Ако следната One UI бета верзија пристигне во јули, би можеле да го видиме ажурирањето на Samsung на Android 12 кратко откако ќе пристигне на телефоните на Google.
Како и секогаш, информациите од овој тип треба да се земат претпазливо, особено кога станува збор за бета тестови на новите системи. Во секој случај, Samsung продолжува да го подобрува својот софтвер и ја продолжува традицијата од претходните години.