Со цел зајакнување на капацитетите за сајбер безбедност на државата, Министерството за информатичко општество и администрација и Тетра Тек ЕС, АД (Тетра Тек) – американска компанија и спроведувач на програмата за техничка помош во Северна Македонија на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) потпишаа Меморандум за разбирање.
„ Меморандумот ја опишува техничката помош што Тетра Тек ќе ја даде на МИОА за да ја унапреди заедничката цел за подобрување на подготвеноста за сајбер безбедност и зајакнување на координацијата меѓу клучните засегнати страни во Северна Македонија, вклучително и владата и приватниот сектор за заштита на критичната национална инфраструктура од сајбер напади“ соопшти министерството.
Оваа соработка, како што се наведува, ќе ги зајакне човечките и технолошките капацитети за сајбер безбедност низ критичните инфраструктурни субјекти и клучните ресурси, ќе ги подобри комуникациските протоколи за сајбер безбедност низ секторите и ќе ја зголеми отпорноста и подготвеноста на државата да се справи со закани по сајбер безбедноста.
Помошта на Тетра Тек е дел од заложбата на УСАИД за унапредување на енергетскиот сектор и безбедноста на критичната инфраструктура во регионот на Европа и Евроазија и поврзување на сојузниците во регионот со американски инвеститори, технологии и експертиза.