Порталите од Клип Медиа Груп, А1он, Макфакс, Репортер, USB, ТопСпорт и ДодајГас излегуваат од Time.mk и повеќе нема да можe нивните содржини да се најдат на овој агрегатор на вести. Причините за ваков чекор се повеќе, но најбитната е дека ниту еден агрегатор на вести не може да се однесува како сака со креаторите на содржини од кои тој зависи и заработува.
Како агрегатор на вести кој заработува илјадници евра годишно благодарение на посетите остварени на содржини на други медиуми, не смее да си дозволи да ги бои истите и да им одредува политичка припадност. Сопственикот на овој агрегатор на вести, иако ниту е стручен за тоа, ниту е новинар, си ги подреди со сина и црвена боја сите медиуми како блиски до некоја политичка опција, а некои имаа среќа да ги одреди во исто време и како неутрални. Ваквите обиди да го класифицира медиумите ние нема да ги премолчиме, ниту да му дозволиме некому, а посебно не на некој што не е стручен за тоа.
Второ, цело време постои неоправдано форсирање на портали на пријатели кои не исполнуваат услови ниту да се најдат на агрегаторот на вести, односно да имаат 300.000 посети месечно, а истовремено вештачки се спуштаат други медиуми, иако први објавиле информација и имаат десетпати поголем број на посети од потребните за да бидат на овој агрегатор на вести.
Трето, со уценувачки речник се бараше продолжување на соработката, која ние секако ја одбиваме и понатаму не сакаме нашите медиуми да се наоѓаат на Time.mk ниту да му даваме моќ која реално и ја нема. Интернет медиумите во рамките на Клип Медиа се со сите стандарди – транспарентно истакнати редакции, докажани новинарски имиња, регулуиран статус на сите вработени, контакт во секое време, маркетинг служба, лектори, сниматели, монтажери, правна служба, и најбитно, со многу посети. Во такви услови, не дозволуваме никој да ни диктира услови. Истoвремено, ќе биде испратено и упатство за употреба на содржини во сопственост на групацијата Клип Медиа груп до Time.mk, односно секаква содржина која ќе биде пронајдена на агрегаторот на вести, без разлика во каков облик, ќе биде цел на тужба од страна на нашата правна служба и ќе биде наплаќана по ценовникот достапен на секој портал на Клип Медиа груп.
Нашите читатели ги упатуваме дека вестите кои се на А1он, Макфакс, Репортер, USB, ТопСпорт, ДодајГас ќе може да ги читаат директно на нашите портали, но и на другите агрегатори.